|
....Деновиве
на Македонија и се случува историја. Сведоци сме на најдрамaтичните настани
на оваа педа земја од 1912.
....Додека
тоа се случува, како зајак што на планински пат стаписано се ѕвери во
долги светла, ние гледаме како ни се менува иднината.
....Многу
луѓе страдаат, и Албанци и Срби. А сега веќе и Македонци. Поради злото
кое живее во соседството, поради нашата трапавост и поради расистичкиот,
себичен и непромислен став на еуфемистички наречената меѓународна заедница,
Македонија доживува неповратна трансформација кон полошо.
....Во
земјава и на границата има околу 120.000 бегалци од Косово. Бројка ќе
се качи на 200.000. Тоа е десет насто од населението на државава. Десет
насто пораст за две недели!
....Овие
десет насто се без работа, без дом, без никаква (или со нарушена) социјална
инфраструктура, не го знаат јазикот на земјата во која престојуваат, очајни
се и фрустрирани од поразителниот развој на настаните. И гледале на смрта
в очи. Не знаат каква им е иднината. Тоа се луѓе во трагична ситуација.
Да не си им во кожа. Ним мора да им се помогне. Од сомнителни политички
и од причини на јавашлук, се случи наместо македонската помош да биде
државна, организирана и структуирана, таа да стане приватна (бегалци =
гости). Со тоа во крвотекот на системот влегуваат нови луѓе без ред и
без контрола. Тоа е увод во невиден хаос. Сериозна држава тоа не го прави.
....Не
е важно дали тие луѓе се Албанци, Македонци, Срби, Французи или Кинези.
Ова не е воопшто прашање на етничка припадност, иако и тој аспект сигурно
ќе биде дискутиран. Важно е да им се помогне. Ама, важно е и тоа што една
сиромашна земја, една од најсиромашните во Европа (со бруто национален
доход по глава за скоро една третина помал од една Јамајка), со страшно
висока стапка на луѓе без работа одеднаш го зголумва населението за 10%.
Од тоа ќе страдаат прво самите бегалци, а потоа и сите ние. Веќе почна
да ни се случува социјална и етничка мутација после која нема да бидеме
исти.
....Косово
не е македонска војна.
....Можеме
да се повикаме на жаргонот на новиот светски поредок и да зборуваме за
нарушените човечки права како за аргумент кој Косово го прави сечија војна
("Не прашувај за кого бијат камбаните, тие бијат за тебе.").
Има вистина во тој став. Меѓутоа, така сфатениот повик на западен џихад
мора да биде анализиран од аспект на лична сигурност (не можеш да влезеш
во праведна војна ако си очигледно многу послаб), а да не зборуваме за
стратешка анализа на пристапот (дали со бомбардирање - дури и да е оправдано
- може да се реши сега веќе застарениот проблем на Косово од пред еден
месец). Дури и да ја прифатиме потребата од интервенција во случај на
неправда во соседството (или било каде во светот), ќе мораме да се соочиме
со фактот дека учеството во косовската авантура било и е непопуларно кај
нашиот народ. Од прагматични причини (затоа што Србија ќе не смета за
непријател уште многу години), или од безбедносни причини (затоа што кај
нас веќе паѓаат бомби), или од економски (земјата која беше наш најголем
стопански партнер наскоро ќе биде вратена во бронзено доба, а со тоа и
нашето ионака мизерно стопанство прави чекор кон средниот век), или поради
Југо-носталгија, или поради навивање за послабиот...
....Ако
е непопуларна, зошто тогаш влеговме во косовската војна? Тоа е како вицот
за владиката кој отишол на гости во едно село. Селаните го пречекале како
што е ред, со сите салтанати. Арно ама - камбаната не биела. Владиката
го прашува попот зошто не чука камбаната, а попот му вели: Е, дедо владика,
има 101 причина. Како прво -- немаме камбана.
....Така
и ние - како прво, така реши НАТО. Како второ, ако тоа некому му е воопшто
важно - сакавме да станеме Запад, да влеземе во структурите. Како трето
- и тоа воглавно кај нашите Албанци - имаше солидаризирање со Косовците.
....И
кога веќе влегуваме во војна, дали можевме да го очекуваме она што се
случи - земјата да ни тргне во неочекувана насока? Планот за протерување
на стотици илјади луѓе од Косово за прв пат го слушнав во Њујорк пред
десетина години од еден четнички настроен Момчило. Лани Претседателот
Глигоров јавно се огласи со опцијата коридор. Знам дека пред неколку години
НАТО самиот баш и го донел планот во Македонија. Значи, јасно беше дека
една од опциите е она што сега се случува. Сите политичари и генерали
- и наши и странски - морале да знаат што МОЖЕ да се случи. Ако не знаеле,
треба да се бават со земјоделие.
....И
се случи егзодус. Државава бара помош. Другите држави, на чело со Ема
Бонино велат дека ќе дадат ќебиња и конзерви, а ако треба дури и пари.
Ама бегалците мора да останат близу до своите домови, т.е. на Балканот.
За полесно да се врателе дома кога ќе имало мир. Божем пешки треба да
одат за Франција или Германија. Или Америка. Гласно - НЕ! Не ги мешајте
вашите неистуширани маси со нашите загрижени граѓани. Ќе ви дадеме ќебиња
и конзерви без свинско.
....Државниот
расизам на Западна Европа и Америка нема граници. (Ова не значи дека некој
друг дел од глобусот би се однесувал многу поарно кога би бил на нивно
место.)
....Америка
и Западна Европа треба на враќање со бегалци да ги наполнат бомбардерите
од кои веќе се фрлени бомбите. Хипокризијата доаѓа
во кристален фокус. Овој фокус им е потребен на оние кои бегале од часови
по историја, или кои се приврзаници на максимата: Историјата не учи дека
историјата не не учи ништо. Во име на хуманост бомбардираат, а во исто
време одбиваат да ги примат бегалците.
....Интересна
некоја хуманост.
....Претседателот
Глигоров, Премиерот Георгиевски, лидерите на позиционите партии Тупурковски
и Џафери (како автор на идејата бегалци = гости), како и министерот за
надворешни работи Димитров мора да и кажат јасно и гласно на еуфемистички
наречената меѓународна заедница дека бараме тие да ги примат бегалците.
На тој начин бегалците ќе бидат згрижени како луѓе, а оваа држава нема
да колабира (ако тоа веќе воопшто и може да се избегне). Нашите политичари
мораат да покажат дека националниот интерес им е најважен во овј миг.
Мораат за прв пат да покажат малку заби во меѓународната политика. Ситуацијата
е критична и бара повеќе самосвест и самопочитување. Границата мора да
остане затворена додека не се добие писмена гаранција дека побогати и
поорганизирани земји ќе ги примаат бегалците. И власта мора да престане
да ја лаже јавноста.
....Треба
на НАТО да му се каже со едноставни и недвосмислени зборови дека со пари
не се купува мирен сон. Ако бомбардирањето некој и може да го оправда,
миењето раце од бегалците е чист расизам. Не сакаме пари за бегалците,
туку сакаме празни авиони и хуман третман за нив таму каде што ќе бидат
сместени. Мислам дека пренесување на 100.000 бегалци во Америка, нивно
згрижување за шест месеци (колку што - да кажеме - би траеле преговорите
за нивно враќање дома) чини колку 3-4 ноќи бомбардирање (зависи од времето).
....Додека
го пишувам текстов има непотврдени информации дека Норвешка, Шведска и
Грција ќе примат бегалци.
....Потоа
треба да бараме помош во пренасочувањето на нашето стопанство од соработката
со СРЈ кон нови пазари. Не бараме милостина, туку фер третман. Македонија
не ја предизвика војната. Ако нема фер однос и ред во вакви крупни прашања,
тешко е да стимулираш ред во продавница или на аеродром.
....На
министерско и повисоко ниво мора да се бара УРГЕНТНО преземање на овие
луѓе во невоља. Треба како адут да се користи она малку што го имаме -
територијата на државава. Потоа, товарот на згрижување треба да го сноси
оној кој ќе преговара да им најде место за враќање и чија акција го иницираше
егоздусов. Ова дури и под закана да ни се налутат големите браќа на Орвел.
....Инсистирањето
нашите партнери за мир да се однесуваат фер не е само прашање на самопочитување,
тоа и прашање на опстанок.
....Оти,
не смееме да дозволиме НАТО на расистички начин да ни ја илустрира поговорката
која баба ми толку ја милуваше: Сто стапа по туѓ газ ич не болат.
|