ПРЕДГОВОР КОН КНИГАТА "ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: БЕСЕДА ЗА ГОЦЕ"
Back

Ракописот во оваа книга е напишан од една голема личност, а се однесува на друга .
Ракописот е напишан по повод една годишнина, а се објавува по повод друга.
Ракописот е напишан во 1919, по повод шеснаесет години од смртта на Гоце Делчев, а за прв пат се објавува по повод сто години од неговата смрт и од Илинденското востание (1903-2003).
Го напишал со своја рака Ѓорче Петров.

*

Ракописов се пренесува од колено на колено во семејството Тројачанец.
Спиро Петров и Ѓорче Петров биле браќа (од Варош, Прилеп). Спиро бил десет години постар.
Синот на Спиро, Методија Петров Тројачанец, како млад бил личен секретар на ѓорче во Софија. Бил во Софија кога е Ѓорче отепан, 1921.
На закопот на Ѓорче, Методија Петров Тројачанец ќе се заколне дека ќе го одмазди. Уште веднаш бил советуван да си бега од Софија. Така отишол за Берлин.
Во Берлин Методија Тројачанец завршил за стоматолог во 1928.
Ракописот бил во семејните архиви и недостапен на јавноста се до денеска.
Синот на Методија, Др. Здравко Тројачанец, од Скопје, го преведе од бугарски и го презентира ракописов.

*

Кога човек в рака ги држи пожолтените страници испишани со многу густ, ситен ракопис - прецртуван, дополнуван, преправан... - ќе си рече дека в раце држи историја. И тоа двојна.
Прво: она за што текстот зборува (животот и делото на Гоце Делчев) уште во времето кога е напишан текстот веќе било историја.
Но, второ: и самиот текст - без да знае авторот - бил историја (артефакт од раката на Ѓорче Петров).
И историчарот бил историја.

*

Пред неколку години работев на историски истражувања како подлога за игран филм кој во тоа време го подготвував. Прикаската на филмот делумно се случуваше денес, а делумно на почетокот од 20-тиот век. Историскиот дел се случуваше на две места: на американскиот Див Запад и во Македонија.
Не верувам дека игран филм може да биде историско четиво. (Тоа се однесува и на роман, драма, расказ, песна, скулптура.) Има многу причини за тоа. Главната цел на еден игран филм (роман, песна, драма...) е уметничката, а не фактичката вистина. Дури и кога работат врз историска подлога, авторите/уметниците создаваат (измислуваат) детаљи, сцени и ликови. Па, тие не ни биле таму кога нештата се случувале. Ретко кој од авторите на филмот “Титаник”, на пример, бил таму кога потонал бродот “Титаник”. Во најдобар случај, игран филм може да биде бледа илустрација на историјата. Или подлога за митологизирање на истата.
Но, од друга страна, цврсто верувам дека авторите/уметниците мораат да дадат се од себе делото да биде што поверно на периодот и на настаните - и со духот, и со податоците. Многу луѓе (гледачи, читатели) наивно ги сметаат уметничките дела за реконструкција на историската вистина. Затоа верувам дека не само идејата, туку и сите пропратни детали треба да бидат верни на онаа вистина за која сметаме дека е историска - однесување и размислување на луѓето (ликовите) во семејството и општеството, јавен и приватен јазик (дијалог), облека (костим), архитектура...
Колку таа историска вистина се поклопува со фактот, а колку со митот - тоа е веќе друго прашање.
За во овој филм да им бидеме верни на фактите, баравме историски податоци за животот во тоа време и на Дивиот Запад и во илинденска Македонија. Долго копавме по архивите во Скопје, Битола, Софија, Солун, Истанбул, Париз, Лондон, Њујорк... Некои од тие материјали беа достапни за најшироката јавност, а некои беа ретко - или никогаш - објавувани.

*

Ракописот во оваа книга е еден од таквите - досега необјавени - историски материјали од и за минатото на македонскиот народ.
Тука се објавува без интервенции од посредници.

*

Некои од детаљите на кои при ова архивско истражување за филмот наидувавме не се вклопуваа во сликата која многумина од нас ја имаат за тој период на Дивиот запад и во овој дел од Отоманската империја.
Забележаниве случки и ситуации од минатото често се откриваа пред нас поинакви од она како ги паметиме од учебниците по историја или од популарната уметност (филм, литература, или друг формат на митологизирање). Пишувачот на митови бил слаб ученик по историја.
На пример, Били Кид бил роден во Бруклин, Њујорк; многу каубои биле црнци; а и Крале Марко загинал борејќи се од страната на Турците (и на единствените негови фрески тој нема мустаци, туку брада).
Случките и ситуациите кои ги откривавме низ ова истражување беа баш онакви какви што се случките во животот: Едни беа херојски, други обични, трети наивни, некои чудни, некои несмасни, некои надреални.... баш како во животот.

*

Она по што ова минато се разликува од заборавеното секојдневие на минатото е токму тоа што овие моменти не се заборавени.
А, не се заборавени не само поради значењето што тие случки го имаат за денешницата, туку и затоа што сознанието за нив ни треба нам, на луѓето од иднината.
Нам ни треба сознанието за овие случки за да ни каже од каде доаѓаме, кои сме, како се однесувале нашите дедовци и како нивното однесување влијаело на она што за нас денеска е денешница.
Во оваа потреба да знаеме повеќе за минатото и со тоа да знаеме повеќе за себе (за себе како луѓе, ама и за себе како луѓе од одредено место или од одредена група), ние луѓето (од разни култури и истории) подготвени сме да го чуеме она што ни треба, а не само она што навистина било. Легендата е често пати повкусна од вистината.
Затоа е убаво кога легендата ќе се соочи со вистината. Некогаш легендата ќе биде потврдена, некогаш ќе биде деконструирана во име на вистината. Во обата случаја, ќе победи вистината, и со тоа денешницата ќе биде побогата.

*

Обелоденувањето на беседата-биографија која Ѓорче Петров ја напишал за својот соборец Гоце Делчев е еден таков миг.

*

Одбележувањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев во 1919 и оваа беседа се две од раните алки во создавањето на митот за Гоце. Овој стар ракопис им служел и на историјата и на митот.

*

Што значи овој ракопис од Ѓорче за Гоце за нашето подобро разбирање на тоа кои сме и од каде доаѓаме ќе кажат историчарите и - особено - публиката денес и во иднина.
Но, многу е поважно следново:
возбудувањето в раце да се држи историски артефакт (па макар и во факсимил) - кој притоа од своја перспектива и самиот зборува за уште подалечна историја - може да биде основа за рефлексија на темата историјата како сегашност.
Односно: овој ракопис може да не замисли што од она што денес ни се случува (и што од она што денес го запишуваме или не го запишуваме) утре ќе биде вредна историја која на некој иден читател ќе му помогне да се осознае себе и својот идентитет. И што од она денес ќе биде утре мит.

Милчо Манчевски

¹) Овој предговор инцијално е пишуван само за Ѓорчевата беседа за Гоце Долчев, но се однесува на обете беседи на Ѓорче Петров - и онаа за Гоце Делчев и онаа за Пере Тошев.

Back 
1