КРШЕНГРБ ПЛАНИНА
Back

....Ги израснаа на мали, сиромашки ранчови на спротивните краеви од државата, Џек Твист во Веда Рамна, горе на границата со Монтана, Енис дел Мар накај Читан, до меѓата со Јута, обајцата повторувачи без матура, селски деца без перспектива, навикнати на тешка работа и откажување, обајцата прости, недоделкани, научени да трпат. Енис, кого брат му и сестра му го одгледаа откако татко им и мајка им летнаа од единствената кривина на Цркнат Коњ и им оставија дваесет и четири долари во кеш и ранч со дупла хипотека, на четиринаесет се пријави за бенефицирана возачка со која го минуваше патот од еден саат од дома до гимназија. Камионот беше стар, без греење, еден бришач и никакви гуми; кога зариба мењачот немаа пари да го поправат. Сакаше да оди втор клас, мислеше тоа гордо звучи, ама камионот се расипа таман да појде, фрлајќи го Енис право на аргатлак.
....Во 1963, кога го сретна Џек Твист, Енис беше свршен за Алма Биирз. И Џек и Енис велеа дека штедат за парцелче; кај Енис тоа значеше кутија за тутун со две петдоларки. Таа пролет, гладни за било каква работа и двајцата се беа пријавиле во Заводот за фарми и ранчови - на хартија се здружија како овчар и чувар на кампот за истата овчка работа северно од Знак. Летното пасиште лежеше над границата на шумите од шумското стопанство на Кршенгрб Планина. На Џек Твист ќе му беше тоа второ лето на планина, на Енис прво.
....Немаа ни дваесет.
....Си дадоа рака во задушливото канцеларииче-приколка пред маса со расфрлани чкртаници, бакелитна пепељара нагнетена со пикавци. Ролетните висеа накриво и пропуштаа триаголник бела светлина, сенката од раката на надзорникот мрдаше во неа. Џо Агуајр, виткана коса боја на пепел од цигари и патец на среде, им кажа што мисли.
...."Шумското стопанство имаат одредено кај да се кампува на парцелите. Тоа кампојте се понекоаш три-четири километри од кај шо ги пасиме овцине. Ногу ни зедоја волците, никој не ги пази ноќе. Сакам - чуваро на кампо во главнијо камп, кај шо вика шумското... ама овчаро" и покажа на Џек сецкајќи со раката - "скришно ќе си крени шаторче со овците, да не го глеат, и таму ќе си спие. Вечерај, поручај во кампо, ама спи со овците, сто насто, нема огин, ич трага да нема. Збери шаторо секое сабајле да не душкат од шумското. Си имаш кучина, револвер, спи таму. Лани летото имафне скоро двајстипет насто зијан, да го ебам. Нејќам и ова година. "Ти", му рече на Енис, меркајќи ја бушавата коса, големите издраскани раце, фармерките испокинати, кошулата со зинати копчиња, "петок дванајсе на пладне да си долу на мосто со список за другата недела и со маските. Ќе дојди чоек со камион да ти донеси." Не го праша Енис има ли саат, туку зема ефтина тркалезна скапаница на сиџимче од една кутија на горната полица, ја навитка и го намести времето, та му ја фрли божем не заслужува посегање. "Утре сабајле ќе ве џитниме со камион". Два кеца за никаде.
....Најдоа меана и со пиво го испија попладнето, Џек му раскажа на Енис за ланската луња на планината што отепа четириесет и две овци, чудната нивна реа и како се подуја, дека таму горе треба многу виски. На прв поглед Џек изгледаше на место, со таа кадрава коса и брза смеа, ама за мало човече имаше голем бут, и кога се смееше покажуваше криви заби, не толку криви да јаде пуканки од грне, ама видливо. Беше занесен по родео, па на ременот имаше тока - мала награда за јавање, ама чизмите му беа износени до крај, дупки што не се крпат, и беше изгорен да биде некаде, било каде само не во Веда Рамна.
....Енис, со орловски нос и тесно лице, беше одрпан, со малку вовлечени гради, а потпираше мало торзо на шестар долги нозе, и држеше мускулеста ем кршна снага таман за на коњ и за тепачки. Рефлексите му беа необично брзи, а беше таман толку далекувид што не сакаше да чита ништо освен каталогот за седла од Хемли.
....Камионите со овци и приколките со коњи се истоварија кај што почнува патеката и еден Баскиец со криви нозе му покажа на Енис како да ги товари маските - две бали и еден товар на секоја, врзани под мевот во двојно "Х" та стегнати со морски полу-јазли - па му рече: "Ич да не нарачуваш супа. Тие кутијте супа ептен се лоши за пакување". Три кутриња што беа на една од мургавите право в кошара, џагурето кај Џек в пазуви, оти он си сакаше кутриња. Енис си зема за јавање еден голем костенлив коњ по име Пуриче, Џек дорат кобила за која испадна дека е плашлива. Во колоната резервни коњи беше и еден сивчо, по боја како глушец, кој му се бендиса на Енис. Енис и Џек, кучињата, коњите и маските, илјада овци и нивните јагниња течеа угоре како валкана вода меѓу дрвјата, па надвор, над границата на шумата, по великите цветни ливади и во затрчаниот, бескраен ветер.
....Го поставија големиот шатор на платформата од шумското стопанство, кујната и кутиите за лапачка стегнати. И двајцата спиеја в камп таа прва вечер, а Џек веќе обесуваше за наредбата на Џо Агуајр да се спие со овците и да не се пали огин, иако во темното утро ја оседла дорат кобилата без многу зборови. Мугрите стасаа стаклесто портокалови, писани оздола со пифтиеста лента бледо зелено.
....Саѓавиот планински труп бледнееше полека дури не стана по боја ист како чадот од огнот за појадок на Енис. Студениот воздух се разблажи, здружени чакалчиња и ронки земја фрлаа нагли сенки долги ко молив, а стројните борови што се издигаа потаму се збираа во плочи тмурен малахит.
....Дење Енис гледаше преку широка бездна и понекогаш ќе го видеше Џек, мала точка што се движи по висока ливада како што инсект се движи по чаршаф; Џек во неговиот темен камп го гледаше Енис како ноќен огин, црвена искра на огромната црна планинска маса.
....Џек се довлечка едно попладне, си ги испи двете шишиња пиво изладени во влажна вреќа под сенка во шаторот, изеде две чинии манџа, четири од камен-тврдите кифлички на Енис, конзерва праски, завитка цигара, го гледаше сонцето кај заоѓа.
...."Прам напред-назад четири сати секој ден", рече стемнето. "Дојди поручај, врати им се на овцине, навечер легни ги, ела си вечерај, врати им се на овцине, цела ноќ рипај пули-прај да нема којоти. По правило треба ноќта тука да ја минам. Агуајр нема право да ме тера".
...."Сакаш да се мениме?" рече Енис. "Неам гајле да ги пасам. Неам гајле да спијам таму".
...."Не е тоа работата. Работата е - и двајцата треба да сме в камп. И тоа шаторчено скапано смрди ко мачка да го мочала или дамбетер".
...."Неам гајле да сеам таму".
...."Слушај да ти кажам, мораш цела ноќ да станваш по тие којотите. Со ќеф ќе се менвам, ама ти викам не знам да готвам таман да ме колиш. Ме бива само со отварач за конзерви".
...."Е, тогаш не си полош од мене. Бива, не ми пречи јас д'ом".
....Еден саат се бранеа од ноќта со жолтата керозинска ламба, па околу десет Енис го јавна Пуриче, добар ноќен коњ, низ светкавата слана назад кај овците, си ги зеде кифличките што останаа, тегла слатко и тегла кафе за утредента, рече дека ќе заштеди едно идење, ќе остане до вечера.
...."Отепаф којот само што се зазори", му рече на Џек следната вечер, додека си го плискаше лицето со топла вода, се сапунеше и се надеваше дека жилетот сече барем малку, а Џек лупеше компири. "Голем курназ. Јајца ко јаболка. Сигурно ќе лапнеше некое јагне. Чиниш камила можи д' изеј. Сакаш малку од топлава вода? Има колку сакаш".
...."Само терај".
...."Море, ќе исперам се шо има", рече, смолкнувајќи ги чизмите и фармерките (ни гаќи, ни чорапи, забележа Џек), шлапкајќи со зелената пачавра дури огнот не почна да плука.
....Си вечераа свечено крај огнот, по една конзерва грав, пржени компири и кило виски по половина, седеа со грбовите потпрени на трупец, ѓоновите од чизмите и бакарните чивии на фармерките жешки, си го трампеа шишето дури од виолетовото небо не се испразни бојата, а свежиот воздух не истече, пиеја, пушеа цигари, стануваа одвреме-навреме да мочаат, а огинот блескаше во потокот свиткан ко лак, фрлаа стапови на огнот да продолжи муабетот, муабет за коњи и родео, јавање, судари и повреди претрпени, подморницата Трешер загубена пред два месеца сосе сите на неа и како ли било во последните судбоносни минути, кучиња кои едниот или другиот ги имале или познавале, војска, ранчот на Џек кај што се држеа татко му и мајка му, семејното место на Енис што го снема пред години откако умреа неговите, постариот брат во Знак, а мажената сестра во Каспер. Џек рече дека татко му бил прилично познат јавач на бикови пред многу години, ама си ги чувал тајните за себе, никогаш ни со еден збор не го посоветувал Џек, ни еднаш не дошол да го гледа Џека како јава, иако самиот го качил кога бил мал. Енис рече дека го интересира јавање што трае подолго од осум секунди и има некаква смисла. Парите имаат добра смисла, рече Џек, и Енис мораше да се сложи. Си ги почитуваа мислењата еден со друг, и двајцата среќни што имаат друштво каде на друштво никој не се надеваше. Додека спроти ветрот јаваше назад кај овците по опасното, пијано светло, Енис си мислеше дека никогаш не си поминал толку убаво, се осети како да може да го чепне белото од месечината.
....Летото си продолжи, и го преместија стадото на нови пасишта, го преселија кампот; растојанието меѓу овците и новиот камп беше поголемо, а ноќното јавање подолго. Енис лесно јаваше, спиеше со очите отворени, но се подолго и подолго отсуствуваше од овците. Џек извлекуваше врескаво брмчење од усната хармоника што се беше малку сплескала кога он падна од плашливата дорат кобила, а Енис имаше добар рапав глас; поминаа неколку ноќи осакатувајќи нешто песни. Енис го знаеше мрсниот текст на "Русиот шарко". Џек проба една песна од Карл Перкинс, врескаше "Слушај ваму - аму - аму", ама претпочиташе една тажна црковна "Исус кој оди по вода", што ја беше научил од мајка си, која беше верник на Света Троица, и ја пееше полека како за на погреб, та предизвика далечно џавкање на којоти.
...."Доцна е д'ом кај тоа овцине, да му ибам стопанката", рече Енис, на колена ќутук пијан, еднаш по ладното кога месечината беше заминала двата. Камењата во ливадата светеа бело-зелено, а кременест ветер лазеше над ливадата, го загребуваше по малку огинот, та го накостреши во жолти свилени ленти. "Дај едно ќебе да го постелам онаму да дремнам, ќе си ом ко ќе зазори".
...."Ќе смрзнеш ко пичка коа ќе згасни огно. Поарно да спиеш во шаторо".
...."Не оти ќе сетам нешо". Ама се истетерави под платното, ги смолкна чизмите, 'рчеше на земи едно време, го разбуди Џек од што му ѕвечкаа забите.
...."Ај, жити бога, се скина ѕенѕајќи, ела ваму. Голем е душеков", рече Џек со раздразлив глас затнат од спиење. Беше доволно голем, доволно топол, и набргу значително се зближија. И да врне и да вее, Енис до даска возеше во се, па неќеше ни да чуе кога Џек му ја грабна левата рака и ја стави на неговиот дигнат кур. Енис ја тргна раката ко попарен, се дигна на колена, го отпетла ременот, ги смолкна пантолоните, го напупи Џека, па со малку лига од курот и со малку плунка му го тури, не правел таква работа до сега, ама не требаше упатство за употреба. Му се пуштија ќутенката, само неколку остри вдишувања и на Џек задавеното "Пушката пука", па извади го, кутни се и на спање.
....Енис се разбуди в црвени мугри со пантолоните слечени до колена, првокласна главоболка и Џек залепен до него; без ништо да кажат и двајцата знаеја како ќе врви летото, кој ги ебе овците.
....И така и бидна. Никогаш не зборуваа за сексот, оставија да се случува, во прво време само во шаторот ноќе, после сред бел ден дури жешкото сонце печеше, а навечер при блесокот на огинот, брзо, грубо, со смеа и фрчење, не фалеше вревење, ама без да кажат ниту еден проклет збор освен што Енис еднаш рече: "Не сум јас никаков педер", а Џек му се приклучи со: "Ни јас. Еднаш, толку. Ничија работа туку наша". Само тие двајца беа на планината, летаа во еуфоричниот горчлив воздух, гледајќи во јастребовиот грб долу и во светлата од коли што лазат по рамницата подолу, лебдееја над обични нешта и далечни беа за питоми ранчерски пци што лаат во темните саати.
....Веруваа дека се невидливи, без да знаат дека еден ден Џо Агуајр ги беше гледал десет минути со неговиот двоглед од 10 х 42, чекајќи да си ги закопчаат фармерките, чекајќи Енис да одјава кај овците, пред да јави оти блиските на Џек имаат пратено абер дека вујко му Харолд е на болница со воспаление на белите дробови и оти не очекуваат да се извлече. Арно ама, се извлече, и Агуајр дојде пак да им каже, гледајќи го остро Џек, ни да слезе од коњот.
....Во август Енис мина цела ноќ во главниот камп со Џек, та дури дуваше и врнеше град овците појдоа на запад и се измешаа со стадо на друго пасиште. Цели пет дена беа на живи маки, Енис и чилеанскиот пастир со ич англиски се мачеа да ги раздвојат, задачата скоро невозможна оти бојата на жиговите беше истрошена и слаба олку доцна во сезоната. Дури и кога цифрите беа таман, Енис знаеше дека овците се измешани. На некој терсене начин се изгледаше измешано.
....Првиот снег рано падна, на 13-ти август, натрупа триесет сантима, ама брзо се стопи. Следната недела Џо Агуајр прати абер да слезат, друга, поголема бура доаѓаше од Пацификот, па тие прекинаа и се преселија од планината сосе овците, камења се тркалаа по нив, виолетов облак се туркаше од запад и металниот мирис на снег што иде ги притискаше. Планината зовре од ѓаволска енергија, глазирана со треперлива светлина од искршени облаци; ветрот ја чешлаше тревата и извлекуваше животинско брмчење од спечените смреки и расцепената карпа. Дури се спуштаа по падината, Енис сети дека забавено, ама главечки, неповратно паѓа.
....Џо Агуајр им плати, кажа малку. Гледаше со кисело лице во овците што се шуткаа, рече: "Некои од вија не ојдоа горе со вас". Ниту пак цифрите беа какви што очекуваше. Аргатите од ранчови ич не ги бива.
...."Ќе дојш в година?" му рече Џек на Енис на улица, со една нога веќе качен во зелениот камион. Ветрот шибаше силен и студен.
...."Можи не". Облак прашина се крена и го замагли воздухот со ситни зрнца и он замижа од тоа. "Нели ти реков, Алма и јас ќе се зејме декември. Ќе пробаме да си најме ранч. Ти?" Го тргна погледот од вилицата на Џек, сета помодрена од силниот бокс што му го беше удрил последниот ден.
...."Ако не нам нишо поарно. Си мислев да ом до кај татка ми, да му се нам зимово, после можи да ом до Тексас напролет. Ако не ме земат војска".
...."Е, па, ќе се видиме, белким". Ветрот тркалаше празна зобница по улицата додека не се фати под камионот.
...."Арно", рече Џек, па се ракуваа, се удрија по рамо; потем имаше два-тринаесет метри растојание меѓу нив и ништо друго не остана освен да се вози во спротивни правци. Не помина ни километар, а на Енис му се стори како некој да му ги вади цревата, педа по педа, метар по метар. Застана покрај патот и, во вителот од нов снег, проба да поврати, ама ништо не му дојде. Никогаш не му било толку тешко и требаше многу долго за да му помине.
....Во декември Енис се ожени со Алма Биирз и ја беше затруднел до средината на јануари. Неколку пати најде краткотрајна работа по ранчовите, после се смири како каубој на стариот Елвуд Високврв, северно од Загубена Колиба, во општина Уашаки. Се уште таму работеше во септември кога се роди Алма Јуниор, како што ја викаше ќерка си, и нивната спална се исполни со мирис на стара крв и млеко и бебешки гомна, а звуците беа врескање и шмукање и сонливи стенкања на Алма, и сите тие го уверуваат оној што работел со стока во плодност и продолжување на животот.
....Кога Високврв пропадна се преселија во мало станче во Ривертон, над една перална. Енис фати да работи на автопат, го трпеше тоа, ама си работеше викенди во Греда Б, за во замена таму да си ги држи коњите. Се роди второ девојче и Алма сакаше да остане в град блиску до амбулантата оти на детето му свиреа градите, имаше астма.
...."Енис, ти се молам, доста ни е веќе, ѓаол да ги носи пустине ранчој", рече таа додека му седеше в скут, гушкајќи го со тенките пегави раце. "Ај да си најме куќа тука, в град".
...."Можи", рече Енис, лизгајќи ја раката под ракавот на нејзината блуза и мешајќи ги свилените влакненца под нејзината мишка, а прстите му се спуштаа по нејзините ребра до пифтиестата дојка, тркалезното стомаче и колено, па горе во влажната пукнатина се до северниот пол или екваторот, зависи од тоа во која насока мислиш дека пловиш, работеше на неа се додека таа не затрепери и не и се спротивстави на неговата рака, па тој ја преврте, брзо го направи она што таа го мразеше. Останаа во малото станче кое тој го претпочиташе оти можеа да си одат кога сакаат.
....Дојде четвртото лето од Кршенгрб Планина и во јуни стаса пост-рестант писмо од Џек Твист, прв знак на живот за сето ова време.
....Пријателе ова писмо е одамна за доцнето. Се надевам ќе го добиеш. Чув си бил во Ривертон. Поминувам на 24-ти, си реков да наминам да те честам пиво. Пиши ако можиш, кажи тука лиси.
....Повратната адреса беше во Детуш, Тексас. Енис му пиша: "Бива", му ја даде адресата во Ривертон.



....Фрагмент од книгата "Кршенгрб Планина" на Ени Пру
....Превод од англиски: Милчо Манчевски
      (Благодарност до Виктор Фридман за несебичната помош)

Back
1