МАЖИ СО МАШИНКИ
Back

....Мажите со машинки ми беа шубе кога пред три години го снимав мојот прв филм ПРЕД ДОЖДОТ. Филмот го сочинуваа три љубовни прикаски. Двојките во сите три трагично завршуваат поради насилство предизвикано од етничка омраза.
....ПРЕД ДОЖДОТ се случуваше во Македонија, држава која само што ја беше прогласила својата независност од Југославија. Повеќе од 80 години Македонија беше во иста држава со просторите кои сега пливаа во крв - Босна, пред сите. Ама, за чудо, Македонија остана единствен дел од она што беше Југославија кој не беше вклучен во сегашната војна - баш своевидно чудо и поетска правда, кога се знае дека две балкански војни овој век се водеа токму поради Македонија.
....Затоа и ми беше шубе што во филмот се појавуваат мажи со машинки, кога такви во Македонија во моментот немаше. Кога го пишував сценариото, за време на пред-продукцијата, снимањето и монтажата поминав стотици саати во дилема: дали всушност ја прикажувам мојата земја во искривено светло? Дали мојот работлив татко го прикажувам како пијаница, сеедно што станува збор за фикција?
....Ми лекна кога - после успехот во странство - филмот беше прифатен преубаво во Македонија, а кога неколку гледачи ме прашаа зошто во филмот има мажи со машинки, им одговорив дека ПРЕД ДОЖДОТ не е документарец, дека не е ни сниман како документарец, дека јас не би се осмелил да правам документарец за една така комплексна тема како што е војната на Балканот, дека во Македонија тензија има, ама мажи со машинки нема, дека е во прашање метафора, дека сторијата може да се случи во било која земја (не исклучувајќи ги Северна Ирска, Русија или САД, на пример) и дека тој треба да послужи како предупредување, а не сведочење.
....И чудото опстана - босанскиот колеж продолжи, а преку планината - во Македонија - не беше испукан ниту еден куршум.
....Следната година бев во Болоња, каде Кинотеката приредуваше ретроспектива на мои трудови (филмот со мажи со машинки, мои видео спотови и реклами), кога на Си-Ен-Ен видов снимки од мртовец покрај изгорена црна кола, на сред калдрмисана улица. Улицата се викаше Маршал Тито, и е главната улица во главниот град на Македонија, Скопје. Мртовецот беше шоферот на Претседателот на Републиката, кој, пак, од своја страна беше во болница, со шрапнели во мозокот, и без десно око.
....На конференцијата за печат по повод мојата проекција италијанските новинари ме прашаа за обидот за атентат врз Претседателот Глигоров. Додека одговарав заклучив дека станува збор за настан кој е толку неочекуван, смел и напросто нереален што никогаш не би поминал како филмско сценарио на Балканот. Сфатив дека реалноста има посмели и побезобразни методи од фикцијата.
....Минатата недела бев во Гостивар, град шеесетина километри од главниот. На главната улица не запреа специјалци. Имаа убави машинки. Неколку оклопни возила и многу полицајци се печеа на жешкото сонце. Градот беше необично тивок, дури и за јулски ден во Македонија. На една настрешница видов дупки од куршуми. Во еден момент ми се насолзија очите и ме запече грлото. Солзавец од вчера.
....Претходниот ден единиците на македонската специјална полиција влегоа во Гостивар и ги симнаа државните знамиња на Албанија и Турција од јарболите пред општинската зграда, поставени таму од локалните власти. Неколку часа подоцна се насобра толпа и избија нереди кои прераснаа во оружен кофликт. При пукање од обете страни, според извештаите, загинаа три лица и повеќе - вклучувајќи и полицајци - беа повредени. Полицијата го спроведуваше државниот закон и одлуката на Уставниот суд за истакнување знамиња пред општините. Демонстрантите го сметаа албанското државно знаме за знаме на нивното малцинство, се осетија повредени и реагираа со камења, шипки, молотови коктели и куршуми.
....Денот кога ние посетивме беа закопани двајца погинати. Во ПРЕД ДОЖДОТ имаше сцена на двоен закоп. Вистинскиов не го видов.
....Размислував за тоа колку би било тешко да се напише реалистично сценарио за атентатат врз шефот на државата со бомба во кола сред бел ден на главната улица, и за крвав сукоб околу веење на знамиња.
....Мислев како комплексноста на оваа стварност - а, чинам и на многу други стварности - да ја сведам на два саата. И пак ми се виде дека вистината што еден филм може да ја начне може да биде само една лична вистина, раскажана со измислен дијалог, глумци, шминка, повторени кадри и музика. Па, ако на екранот видиме мажи со машинки, тие се таму како раскажувачи на таа лична вистина, а не како луѓе со машинки од реалниот свет.
....Тие ги има на претек на Си-Ен-Ен.

Август, 1997
Back
1