Македонија колатерална штета на САД
САМО МОРАЛНА ОБВРСКА
-
Може ли некој да убие полицаец во Лос Анџелес или Мајами и да бара шпанскиот јазик да се зборува во Сенатот?
Back

....Македонија е колатерална штета на политиката на САД на Косово. Извештаите на ОБСЕ (која ги набљудува настаните во Македонија), изјавите на Стејт департментот и на ОН од неделава, укажуваат дека албанските сепаратисти што се борат во оваа балканска држава вршат етничко чистење врз Македонците (честопати погрешно наречени Славомакедонци). Довчерашните добри момци станаа лоши момци.
.... Ова не им изгледа изненадувачки на оние "умри машки" балкански набљудувачи што го набљудуваат развојот на трагедијата во Македонија.
.... За време на десетгодишните брутални војни на територијата што некогаш беше Југославија, Македонија успеа да остане недопрена. Ова и успеа без помошта на меѓународната заедница. По затегнати преговори, југословенската војска мирно замина, воодушевувачки успех што се должи првенствено на првиот македонски претседател, Киро Глигоров. Имаше тензии (самиот Глигоров преживеа атентат и остана без левото око и со шрапнел во мозокот), но не и борби. Меѓународната заедница повторно им ракоплескаше на Владата и на луѓето за нивните напори да создадат мултиетничко општество и да го зачуваат. (Меѓународната заедница не помогна. Ембаргото кон Југославија ја осакати слабата македонска економија; Грција воведе свое ембарго кон младата држава). Партиите на етничките малцинства седеа во Парламентот. Албанските партии беа коалициски партнери во сите влади од независноста, а во проценти, шест од седумнаесет владини министри се етнички Албанци, потпретседателот на Собранието е Албанец, како и неколку амбасадори. Има основни, средни училишта и факултет во кои наставата е на албански јазик; универзитетот набргу ќе се отвори. Има ТВ-станици, театри и весници на јазиците на малцинствата. Тогаш, зошто постои етничкото насилство?
.... Албанските милитанти тврдат дека се борат за човекови права. Се докажа дека ова е победнички аргумент во минатото. Како и да е, овојпат човековите права се повод за оружено преминување на границата. Окупацијата на територии, киднапирањето и убивањето цивили, заканите за бомбардирање на зградите на институциите (во центарот на главниот град, Скопје), отсекувањето на водата за третиот град по големина и конечно, етничките чистења извршени врз Македонците, (кои се малцинство во критичните реони) укажуваат на следново: дали борбата за признавање на јазикот се води со минофрлачи и снајпери? (Може ли некој да убие полицаец во Лос Анџелес или Мајами и да бара шпанскиот јазик да се зборува во Сенатот?)
.... Етничките чистачи - ОНА - се поранешни војници на ОВК, кои се бореа на Косово покрај НАТО. (Дури и нивните иницијали се на албански јазик: УЧК.) Поголем дел од оружјето и борците пристигнува преку административната граница со Косово, чувана од НАТО. Советот за безбедност на ОН побара од КФОР и УМНИК побудно да патролираат на порозната граница.
.... Дипломатите на САД, ЕУ и НАТО се обидуваат да постигнат мировен договор во чии рамки ќе има подобри гаранции за правата на албанското малцинство, што се неопходни за разоружувањето. Ова ја промашува поентата: радикалните Албанци се борат за територии.
....Тие го прават точно она на што многу набљудувачи предупредуваа повеќе години - насилството се разгорува додека обичните граѓани се радикализираат.
.... И покрај инсистирањето на дипломатите дека нема да преговараат со ОНА (чии припадници генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, ги нарече разбојници и убијци), Западот де факто ги легитимизира убиствата во име на расправата за јазикот. Каков парадокс!
.... Во меѓувреме, слабата и осиромашена земја, која беше фалена за своето мултиетничко општество и влада, истата земја што беше (и е) примарна база за операциите на НАТО против Милошевиќ и за задржувањето на мирот на Косово (многупати и на своја штета), земјата што прими 350.000 бегалци (со што ја зголеми популацијата за дури 15 отсто) е растргната под оружените напади на луѓе тренирани и опремени од НАТО. Македонија е колатерална штета од вмешаноста на НАТО на Балканот. САД и нивните сојузници сметаат дека премногу е ризично да се разоружи ОНА, и покрај тоа што тоа е нивна обврска со косовскиот мандат. Минатогодишното разоружување на ОВК беше голема и симболична афера. Вреќите за тело не се секси, така што НАТО одбра да им дозволи на милитантите да го задржат своето западно оружје. (САД со неколку автобуси ги евакуираа милитантите од опколеното село Арачиново - заедно со нивното оружје. Гласините дека помеѓу опколените екстремисти имало 17 американски воени советници предизвикаа лута реакција меѓу македонската светина, која беснееше пред зградата на Парламентот.)
.... Лудориите на НАТО на Косово направија многу повеќе од вооружување и тренирање екстремисти, кои сега вршат класичен контранапад. Со тоа конфликтот на Балканот се разгори на повисоко ниво. Психолошкиот ефект на целиот свет што се стави на страната на Големата кауза (видена од албанските екстремисти) ја дополни нивната оружена сецесионистичка борба. Етничките чистења и окупирањето територии се чекор напред во прецртувањето на границите. Последните десет години во Југославија ни покажаа кон што води тоа.
.... САД имаат шанса да го запрат крвопролевањето и понатамошниот колапс на демократските вредности во Европа. Ова не може да биде постигнато со лицемерни апели до "двете страни". НАТО, ЕУ и САД применуваат огромен притисок кон демократската Македонија да не се брани. Сега, агресијата и бунтот излегоа од нашите раце. Како резултат на овој "мировен процес", Македонија е на пат кон федерализација и дезинтеграција.
.... Во минатиот месец претседателот на САД, Џорџ Буш, издаде наредба да се блокираат сметките на лидерите на ОНА и им забрани да влегуваат во САД; европските сојузници го следеа примерот. Ова очигледно не е доволно.
.... Ако САД сакаат да го демонстрираат својот став против менувањето на границите на Балканот, ако сакаат да се држат до зборот (НАТО вети дека ќе ја брани Македонија), ако не сака да постави пример со кој ги дискредитира сојузниците кога е потребна брза акција, тогаш САД треба да го задушат снабдувањето со оружје и да ги испрати оние што повикуваат на војна онаму каде што е испратен Милошевиќ. Мора да се присили ОНА да се откаже од својата оружена агресија и востание пред да има политички дијалог. САД мора да го направи тоа дури и ако тоа бара ограничено воено мешање, да ги уапси лидерите на ОНА и да ги уништи нивните воени складишта. САД имаат морална обврска да ги спречат да ја претворат Македонија во втор Авганистан или Камбоџа, два тажни примера на колатерална штета од американското мешање. Како што научивме во Босна, оставањето на етничките чистења предизвикуваат многу повеќе проблеми.
.... Или, како што се вели во холивудската адвокатска шега: "Добра вест. Тоа е само МОРАЛНА обврска." Освен што, овојпат, тоа е и практична обврска исто така.

.... (АВТОРОТ Е РЕЖИСЕР)

.... Дневник, 11 Август, 2001

Back
1