Реномираниот италијански историчар на уметноста Анреа Морини, директор на Кинотеката во Болоња, се осврнува на изложбата фотографии од Милчо Манчевски
Back

УЛИЦА

....Фотографии од Милчо Манчевски
...."Фотографската камера на Манчевски, едноставна, непосредна и мошне агилна, никогаш не го прикажува она што гледачот би сакал да го види."

....Сметам дека продуцирањето книга фотографии значи, во прв ред, организирање на снимките од кои таа се состои, поставување на фотографиите во меѓусебен однос, укажување на нивниот правилен ритам на визуелизација: всушност, монатажна работа која по ништо не се разликува од работата на режисерот кога му ја дава конечната форма на филмот.
....Разгледувајќи ги сликите што ја сочинуваат оваа книга, се прашувам што можело да го наведе Манчевски да ја прекине, привремено, својата активност како филмски режисер за да и се посвети на фотографијата. Размислувам за насловот што му го дал на своето дело, "Улица" - што е всушност и темата околу која се "намонтирани" овие слики - и на укажувањата што авторот сам ги даде во моментот кога за прв пат ми ги покажа одбраните фотографии. Во таа пригода, Манчевски ја истакна разликата што, според него, постои меѓу практиката на филмската режија и фотографската практика; и особено ја нагласи идејата дека филмот, како синтеза на различни уметнички дисциплини и како медиум што учествува на пазарот, го условува авторот во неговото креативно творење во поголема мера отколку што тоа го прави фотографијата. И така е. За реализацијата на некој филм е потребно учеството на многу луѓе - и особено на многу пари. Наспроти тоа, чкрапнувањето на инстант фотографија го става фотографот исклучително само пред себеси и пред објектот што сака да го сними. Нема потреба од други медијации, ни од организативна ни од продуктивна природа. Слободата, од оваа гледна точка, е целосна.
....Оваа констатација ме принуди на подолго размислување. Како тоа! Манчевски има режирано едно извонредно дело, "Пред дождот". ....Мошне добро се сеќавам колку бев трогнат на крајот од филмот: едно незапирливо чувство на радост и воедно горчина, на болно сочуство за она што се случуваше на екранот и едновремено восхит за начинот на кој бил организиран филмскиот текст. Просто, филмот не ја преприкажуваше реалноста. Направи нешто повеќе; ја издестилира, ја протолкува реалноста и му ја предаде на гледачот во вид на совршен говор, продуцирајќи непрекинати метафори - производителки на бесконечни смисловни варијации. Како е тогаш можно еден толку изразито оргинален режисер да ги одбива ограничувањата во сопствената работа? Може ли ова да биде една од причините заради која Манчевски побарал на друго место нови стимули за сопствената креативност? Или, можеби, поскоро се работи за тоа дека пројавил желба да ја продолжи, по друг пат, работата што толку брилијантно ја поставил во својот дебитантски долгометражен филм? Дека посакал да воспостави еден точно определен однос меѓу филмското и фотографското искуство?
....Најинтензивните сцени во "Пред дождот", неговите фигуративно највисоки и највозбудливи моменти како да имаат тенка а длабока поврзаност со фотографиите од кои е составена оваа книга. Режисерот Манчевски направи лични прикази, окарактеризирани со силна и конкретна авторска индивидуалност, со препознатлив стил. Фотографот Манчевски, макар и сакајќи да се ослободи од стегите што филмот му ги наметнуваше и спотерувајќи го сопственото истражување, не се оддалечил, според мене, ни од духот во кој го режирал својот дебитантски долгометражен филм, ниту од корените на сопствената поетика. Тој поскоро издвоил неколку интуиции присутни во филмот и со нив ја направил носечката структура на едно друго патување, на уште едно додатно размислување за реалноста на нашето секојдневие.
....Улица. Зборот кој е наслов на ова фотографско патување веднаш ни ја доловува претставата на тој простор пар екселанс, на општествениот пејзаж. Цивилизациски траги уочени во привидната случајност во секојдневниот тек на времето. Вообичаени движења, фигури што ги забележуваме во мигот на чкрапнувањето и кои потоа некаде се губат; геометрии на видливото истргнати од една средина што се противи на секаков обид за кодификација. Објективот на Манчевски навидум не сака да му придаде особено значење на ниеден одделен детал; тој ја отфрла методата на истакнување, на драматично заострување, на превагнување на еден план над другите. Ги одбегнува сите технички и фигуративен трикови кои би можеле кај фотографијата да произведат една непосредна и едногласна смисла и кои би го лишиле гледачот од уживањто и чудењето пред двосмисленоста, неодреденоста.
....Ете како повторно се враќа, провокативно, стилското единство на Манчевски, неговата карактеристична личност, со тој негов поглед присен и воедно воздржан, презаситен и едновремено нијансиран, поглед што побуди толку длабок восхит во мене во филмот "Пред дождот". Ете ја пак неговата умешност да го сопре и едновремено да го динамзира прикажаниот предмет, без разлика дали се работи за кадри или за снимки; да му ја додели онаа полисемиска структура која ќе овозможи во него да се откријат многукратни центри на интересирање, а да не се исцрпи неговата комуникативна моќ уште при првиот приод.
....Фотографската камера на Манчевски, едноставна, непосредна и мошне агилна, никогаш не го прикажува она што гледачот би сакал да го види. Не се задржува на она што би очекувале да го гледаме. Не е ни брутална ни нарцисоидна, и заради тоа длабко се оддалечува како од псевдо-реализмот на поголемиот дел од современото фоторепортерство, така и од апстракциите на оние кои, во своите фотографски елаборации, ја сведуваат реалноста на проста игра на форми. Не се впушта во естетизми ниту во дејствија на ситен социологизам. Не пресудува, не извикува. Не го одбира она што го снима врз основа на однапред определени калкулации; напротив, се чини како намерно да ги изостава најзначајните детали, наместо да ги доведува во фокус. На тој начин снимките можат навистина да ја доловат улицата: еден непрекинат бран на случувања што тече симултано и во бројни насоки, гледан речиси со крајчето од окото и со нескротливо љубопитство, со желба да се уочи нешто, понапред или поназад, или можеби на страна, во таинственоста на подзатворен прозорец, во некоја сенчеста градина, во маалскиот дуќан, кое ќе открие еден поинаков животен тек, едни поинакви цивилизациски траги.
....Не треба од овие снимки да очекуваме ни лекција по историја, ни болен крик, ни гневен гест или несогласување. Исто како што не можеме од нив да очекуваме ни утеха. Овие простори и овие лица, колку и да ни изгледаат познати и блиски, секогаш не враќаат назад кон една тајна, кон нешто што им припаѓа само ним и што гледачот - за разлика од фотографот - никогаш нема целосно да го одгатне. Ова е она што најмногу ме погоди во фотографиите на Манчевски. Во ерата на глобалните информации кои продираат насекаде и ги ублажуваат сите разлики, кои имаат толкување за се и речиси секогаш се задржуваат на површината на нештата, восхитувачки е фактот да можеме, па макар и само за миг, да ги анулираме нашите предубедувања во нејасниот, топол и загадочен тек на улицата.


Андреа Морини
Болоња, 4 мај 1999 г.
Превод:Марија Грација Цветковска

Back