|
ГРАУНД
ЗЕРО
Се
осетив како да ја напуштаме Содома и Гомора
Бев
еден од последните што долетаа во Њујорк пред да пукне. После не се леташе
со денови, бевме како отсечени. Не можев да телефонирам надвор од градот,
немав интернет, предавателот го снема сосе кулите па примав само една
тв станица, сообраќајот беше забранет низ мое маало, па немавме никаков
дотур...
Ноќта пред да пукне се враќав од Торонто. Требаше да летам во седум.
Ми го откажаа летот, го затвориле Ла Гвардија аеродромот поради невреме.
Ме ставија на листа на чекање. Друг лет кон друг њујоршки аеродром. Бев
последен патник што влезе во последниот авион од Торонто.
*
* *
Сабајлето некоја комшика списка:"Господи Боже, Господи Боже, Господи
Боже!", ме разбуди. После 5-6 секунди, од друг стан се чу глас на
друга комшика: "Доста, мори!!!"
Њујорк, Њујорк.
Веројатно не знаела зошто првата писка.
*
* *
Другар ми Вил Розентал доаѓал на работа со кафе (за носење) в рака кога
над глава му пролетал првиот авион. Удрил во кулата. Вил се чудел што
се чудел, па си продолжил на работа. После некое време пукнал и вториот
авион, па ги евакуирале (канцеларијата му е близу до покојните близначки).
"Со уште илјадници луѓе одев преку Бруклинскиот мост кон дома, Менхетен
зад мене, библиски егзодус, кога збаботе... Се завртев и првата кула почна
да се руши. Луѓето спискаа. Се осетив како да ја напуштаме Содома и Гомора".
Вил, еве, со денови не мрда од дома, се лечи.
*
* *
Првата вечер повторно појдов кон местото на злосторот. Сета гужва беше
на западната страна, а на источната, низ Кинескиот кварт имаше малку контрола.
Им реков дека одам на ферибот до Стетн Ајланд, па ме пуштија. Среде целата
лудница еден продава чипс. 75 центи, не ја крева цената. Минерална вода
му снемало, сите пијат, од чадот и од возбуда. Сакав навистина да се качам
на фериботот, оти од таму најубаво, апсолутно најубаво се гледа врвчето
на Менхетн со чадот што се крева. Прашав кога ќе се враќа фериботот (што
ќе правам на Стетн Ајланд цела ноќ, сакам да ја видам глетката, па да
си се вратам дома, на Менхетн). Еден џандар ми вика дека назад фериботот
оди празен. Можеш да си одиш од Менхетн, ама не можеш да се вратиш.
Ми заличи на "Бегство од Њујорк" на Џон Карпентер, ама обратно.
На враќање успеав да се протнам до Вол Стрит. Од облакот се беше стемнило,
одев низ магла, а се покриено со бело како да е снег. Отаде идат камиони,
идат, идат, идат, без крај, фаровите пуштени низ маглава од бела прашина.
Поарно од Холивуд.
*
* *
Јужно
од 14-та улица забранет сообраќај. Тоа значи Вол Стрит, Кинески Кварт,
Мала Италија, Трајбека, Сохо, Гринич Вилиџ, и мое маало - Ист Вилиџ. Нема
коли, нема автобуси, нема камиони, нема жолти такси... рај! Толку блиску
до пеколот, а толку убаво. Улиците се наши, деца си играат, велосипедисти
уживаат. Дури можам и со отворени пенџериња да спијам, оти нема туристи.
На 14-та улица стојат џандари и проверуваат легитимиации, пуштаат само
локалци. Малку остануваме. Одеднаш гледам колку сме окупирани од туристи,
цело време.
Ама има ѓубреџии. Небаре истата вечер после атомска катастрофа некој да
дошол да собира ѓубре. Може по тоа се познава колку е цивилизирано местото.
*
* *
Следната вечер појдов надолу. Сега има сериозни контроли. Ја покажувам
пропусницата на која пишува со големи црвени букви "Прес". Дури
на трета мајка ме пуштаат. Никого не пуштаат, ни богат, ни славен, само
оние кои имаат работа таму: пожарникари, доктори, попови, војска...
На точак се возам низ Кинески кварт - празен. Уште една контрола. Барам
фин џандар на другото ќоше. Вели: "Тука го евакуираме судот, пробај
онаму". Ме запреа уште многу пати, ме пратија да барам официјална
пропусница. Дојдов до кај што пуштаат новинари, ни педа потаму.
Сите тв екипи снимаат од овде, светла, камери, фотографи. Правиме муабет,
разменуваме информации.
Тргнав да си одам. Си велам, да пробам од западната страна вечерва.
Таму гужва, народ, камиони, шатори, штабови, униформи, автобуси, каблови...
наредено на автопатот до закрчување. Кроце, кроце поминувам, одам неколку
блока. Тивко. Долу се наѕираат урнатините, страшно силни фарови и нешто
надреално. Доаѓам до барикада. Војска. Од тука натаму не може. Нема шанси!
Само униформи со пропусници. Натаму е Воена зона. Воена зона.
Се ашкам, гледам, се напињам. Саат-два... Си клавам маска, ме пече грлото.
Чадот и прашината се креваат в небо, се гледаат од сателит.
Некој вика: "Дајте камионов да го растовариме". За секунда се
нацртавме петнесет души, истовараме кисели води, чоколатца, грисини...
Па, кога сме готови, си аплаудираме самите.
Доброволците од Армијата на спасот се товарат со гајби кисела вода. Ќе
ги носат внатре, за пожарникарите во Воената зона. Се редат, шефицата
вика: "Не сакаат сендвичи, сакаат грицки". Трчам по гајбите
чоколатца, ги носам: "Еве чоколатца". Доброволците нудат да
ги земат, велам "Нема проблем, можам сам". Мислат дека сум еден
од нив, не ја симнувам маската. Чекам, чекам, најпосле поаѓаме. Ја подотвораат
барикадата, влегуваме во Воената зона. Холивуд може вода да му носи, сликата
е страшна. Стотоци, може илјади: униформи, униформи, камиони, булдожери,
светла, кабли, кучиња трагачи; војска, резервисти, полицајци, пожарникари,
лекари, медицински сестри, попови, ортодоксни Евреи, шерифи, парк рејнџери....
уште само поштари фалат. "Чоколатца, земете чоколатца". Сникерс,
ги обожуваат, ги разграбуваат, и мило ми е, нешто да помогнам: има некое
заедништво во воздухот.
Раздавајќи ги доаѓам се поблизу и поблизу до епицентарот.
Онаму каде што пред два месеци гледав концерт на индонезиска музика на
отворено, каде милион пати сум се шетал со другари, близу до местото каде
што снимавме, каде ја фотографирав "Оне Њаѕ"...
Не ми се верува!!
Граунд зеро. Тука удрило. Димензиите се страшни, односот, сразмерот е
шокантен. Веројатно вака изгледала Хирошима, ама ова е повисоко, поголем
куп, повеќе... Дел од една близначка стои простум како исправен костур,
некаде на пол пат меѓу "Блејд ранер" и "Мед Мекс".
Огромен е, а е само 10-15 спрата од 110. Од ударот купот е набиен седум
спрата под земја.
Луѓето се како мравки во купот.
Колку е голем купот, а освен овој костур нема ништо поголемо од 20-30
сантима, се се сторило сол: бетон, железо, пластика, стакло, хартии, компјутери,
полици, телефони, бироа, вода, цевки, фекалии, кафиња, теписони, чевли,
палта, сијалици, жици, кроасани, сендвичи, ранчиња, акт-ташни, саати,
радија, свадбени фотографии, јаболка, сокови, дрво, вокмени, месо, 5,000
трупа, прашина...
Најбогатата земја на светот, ама се откопува со кофи и лопати, милиониве
тони ѓубре се чепкаат на рака. Вчера најдоа дел од пасошот на еден од
киднаперите.
И нечии прсти.
(Објавено
во Вест, 19 септември, 2001)
http://www.vest.com.mk/default.asp?id=14843&rubrika=Svet&idg=2&idb=361
|